Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

05/13/2025 | Press release | Distributed by Public on 05/13/2025 01:41

Евроинтеграциите и трговската соработка во фокусот на работната посета на министерот Муцунски на Шведска

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Стокхолм, оствари средба со министерката за европски прашања на Шведска, Џесика Розенкранц. Во фокусот на разговорите беа евроинтеграцискиот процес на државата, поддршката од Шведска во овој процес, како и реформските процеси во земјата.

На средбата, министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна шведска поддршка за процесот на проширување на Европската унија, со посебен акцент на заложбите за целосно пристапување на Северна Македонија и останатите земји од Западниот Балкан. Тој ја истакна шведската посветеност на политиката на проширување како клучен фактор за интеграцијата на регионот.

Македонската интеграција во ЕУ и предизвиците на тој пат беа централна тема на разговорот. Од страна на министерот Муцунски уште еднаш беше повторена неопходноста билатералните прашања да не претставуваат пречка за напредокот, при што беше потенцирано дека процесот треба да се темели исклучиво на системот на заслуги и постигнувања. Се разговараше и за повеќе актуелни прашања од значење за Унијата.

Министерката Розенкранц нагласи дека Шведска останува силен поддржувач на проширувањето на Унијата и додаде дека и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат партнерските земји, како Република Северна Македонија, со која имаат одлични билатерални односи. Во контекст на силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат, таа ја истакна и важноста на реформската агенда и Планот за раст.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија на Шведска, Хакан Јеврел.

Фокусот на средбата беше ставен на унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји, можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, како и справување со актуелните економски предизвици. Министерот Муцунски ги нагласи поволностите за инвестирање во Северна Македонија, со посебен акцент на автомобилската, одбранбената и фармацевтската индустрија, претставувајќи ги како клучни сектори со сериозен инвестициски потенцијал. Се разговараше и за конкретни чекори што би придонеле кон привлекување нови шведски инвестиции, со акцент на потребата од заеднички напори за унапредување на трговската и економската соработка.

Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia published this content on May 13, 2025, and is solely responsible for the information contained herein. Distributed via Public Technologies (PUBT), unedited and unaltered, on May 13, 2025 at 07:41 UTC. If you believe the information included in the content is inaccurate or outdated and requires editing or removal, please contact us at support@pubt.io