Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

12/26/2024 | Press release | Distributed by Public on 12/26/2024 10:09

Министерот Муцунски домаќин на министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат.

На средбата, двајцата министри истакнаа дека посетата претставува уште една потврда за пријателските и добри односи меѓу двете земји. Тие ја потенцираа подготвеноста за натамошно продлабочување на севкупниот дијалог во функција на унапредување на билатералната соработка во областите од заеднички интерес.

Во фокусот на разговорите беше искористувањето на потенцијалите за интензивирање на економската соработка, како на државно ниво, така и меѓу бизнис заедниците. Воедно, стана збор и за важноста од ажурирање на сегашниот Договор за слободна трговија преку проширување на неговата содржина, вклучувајќи повеќе земјоделски производи, како и потребата од забрзување на техничките разговори за оваа цел.

Во рамки на посетата се одржа и Бизнис Форум, на кој министрите ја истакнаа подготвеноста за целосна поддршка на бизнис секторот и ги охрабрија да соработуваат поинтензивно во насока на унапредување на трговската и инвестициската соработка.

За време на посетата, турскиот министер Болат оствари и средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. На средбата беа разгледани можностите за билатерална трговија и инвестиции со цел да се утврдат нови области за заедничка соработка.