Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

01/15/2025 | Press release | Distributed by Public on 01/15/2025 06:43

Проштална средба на министерот Муцунски со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Австралија, Даниел Емери

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г. Тимчо Муцунски, денеска на проштална средба го прими вонредниот и ополномоштен амбасадор на Комонвелтот Австралија во нашата земја, г. Даниел Емери.

На средбата, министерот Муцунски му се заблагодари на амбасадорот Емери за неговиот значаен придонес во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји за време на неговиот мандат.

Во текот на разговорот, соговорниците се осврнаа на одбележувањето на јубилејот - 30 години од воспоставувањето на билатерални односи помеѓу двете земји, како и на важната улога што ја има македонската дијаспора во Австралија. Таа претставува вистински мост за поврзување меѓу граѓаните на двете земји и значаен фактор во билатералната соработка.

Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Министерот Муцунски и амбасадорот Емери разговараа и за продлабочување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, вклучително во сферата на образованието, науката, здравството, културата и туризмот. На средбата беа разменети мислења и за актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот и пошироко.