Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

04/26/2025 | Press release | Distributed by Public on 04/26/2025 04:40

Средба на министерот Муцунски со комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера оствари средба со комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О'Флаерти, кој е во посета на нашата држава, со тематски фокус на прашања што се однесуваат на човековите права на Ромите, како и прашања за интеракцијата меѓу здравата животна средина и човековите права.

За време на средбата, соговорниците разменија мислења за општата состојба со човековите права во Европа и за потребата од нивна промоција, вклучително и постојана посветеност кон принципите на владеењето на правото.

Се разговараше и за меѓународните обврски на нашата држава и можноста за пристапување кон одредени нови меѓународно-правни инструменти на Советот на Европа.

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста на земјата кон системот на Европската конвенција за човекови права и важноста на доследното спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Во овој контекст, министерот Муцунски нагласи дека во годината кога се одбележуваат 75 години од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права и 30 години од членството на нашата земја во Советот на Европа, особено се цени оваа посета, како и можноста за директна размена на мислења за прашања од клучна важност за натамошниот демократски развој и унапредување на човековите права.